logo

5 фатални грешки поради кои имате ниска плата

cover image

Сертифициран инструктор за финансиска едукација Бола Сокунби споделува неколку работи што не треба да ги правите кога преговарате за плата.

Кога дипломирав на колеџ и ја добив мојата прва работа, мојата почетна годишна плата изнесуваше 54.000 долари. Бев возбуден. Тоа беа повеќе пари отколку што некогаш сум заработил во мојот живот. Ниту еднаш не ми падна на памет да побарам повеќе пари или бонус за потпишување на договорот. Бев среќен што успеав да добијам толку добра работа.

Па, како што минуваше времето и како што ги запознавав моите колеги, сфатив дека заработувам најниска плата во целата група. Сите ние бевме вработени на иста позиција и сите ние имавме слично образование. Некои од нив заработуваа илјадници долари повеќе од мене, додека други добија бонуси на самото потпишување на договорот. Зошто? Бидејќи за разлика од мене, тие не ја прифатија првата понуда што ја добија.

Наместо тоа, тие побараа повеќе. Тоа што го направија не само што им помогна да добијат повеќе пари, туку и ги стави во подобра позиција кога дојде време за покачување и бонуси бидејќи тие стимулации се даваат како процент на основната плата. Во текот на целата кариера, тоа се неколку стотици илјади долари повеќе отколку што би заработил јас.

Тоа беше една од најголемите грешки што ги направив кога влегов на пазарот на труд. Но, како што напредував во мојата кариера, сфатив дека е подеднакво важно да се биде свесен за финансиските замки кога станува збор за самите преговори за плата. Според мојата пријателка Дориана Сент Флер, која е експерт за човечки ресурси, кариерен коуч и основач на сајтот yourcareergirl.com, ова се петте најчести грешки што голем број луѓе ги прават во преговорите за плата (без да го сфатат тоа):

Грешка #1: Немате стратегија за компензација

Стратегијата за компензација е план кој ги опишува вашите долгорочни очекувања за платата. Тој треба да се темели на вашите вештини и искуства, индустриските стандарди за луѓе на слични позиции и вашата уникатна вредност. Ја пресметувате вредноста, го додавате данокот и креирате план за да ја добиете посакуваната сума.

Идеално е да имате стратегија за компензација уште пред да започнете со првата работа, но ова е нешто што повеќето луѓе не знаат дека треба да го направат. Многумина од нас, особено оние што излегуваат од образовниот процес, не успеваат да размислат стратешки за својата плата. Ова може да биде скапа грешка. Ако се’ уште немате стратегија за компензација, започнете сега. Извадете пенкало и хартија и размислете каде сте во моментов, каде треба да бидете и каде сакате да бидете во иднина. Откако ќе ја направите математиката, создадете план за да стигнете до таму. Тоа може да вклучува барање на покачување, а во некои случаеви и нова работа.

Грешка #2: Мислите дека ќе бидете платени за вашиот придонес

Звучи едноставно, зарем не? Завршете одлична работа и на крајот ќе добиете плата за тоа. Сепак, ова не е секогаш така. Да, постојат моменти кога добро завршената работа може да значи бонус, меѓутоа 9 од 10 менаџери нема да седат и да гледаат наоколу кој направил екстра труд за да заработи дополнителна сума. Ако сакате вашиот шеф да ви даде пари, треба да бидете активен учесник во прогресијата на вашата плата. Тоа значи да бидете сигурни дека вашиот претпоставен (и секој друг кој одлучува за вашата плата) е свесен за тоа што го правите на работа и како тоа придонесува за компанијата. Без разлика на тоа дали се работи за редовна годишна евалуација или еден на еден состанок за вашите достигнувања, треба да бидете сигурни дека ќе создадете платформа за да му покажете на вашиот шеф што се сте постигнале во текот на целата година.

Грешка #3: Непријатно ви е да разговарате за пари

Голем број луѓе не се чувствуваат пријатно кога разговараат за својата моментална плата, идните финансиски цели и потенцијалната заработка, дури и со своите најблиски пријатели. Со ваков начин на размислување, не треба да се изненадите доколку се чувствувате анксиозно секој пат кога сакате да побарате покачување. Иако тоа може да биде тешко, доколку сакате да заработите повеќе пари, потребно е да го надминете минатото кога сте се чувствувале непријатно да разговарате за пари. Најважните разговори се некогаш најнепријатните, но дефинитивно е во ваш најдобар интерес да го надминете стравот и да бидете убедливи.

Грешка #4: Носите емотивни одлуки

Емоциите како вознемиреност, гнев, нервоза и страв можат да ги саботираат вашите напори за да ја добиете сумата што ја посакувате. Нервозата може да ве натера да ја прифатите првата понуда која е премногу ниска, а гневот кон вашиот претпоставен може целосно да ви ги уништи шансите за било каков позитивен исход. Вашата цел треба да биде да останете смирени и прибрани низ целиот процес, оставајќи ги вашите чувства надвор од равенката. Кога станува збор за донесувањето одлуки за плата, треба да се фокусирате на факти, наместо на чувства.

Грешка #5: Немате излезна стратегија

Важно е да знаете дека на крајот од денот, конечната одлука за тоа дали ќе добиете покачување или не е надвор од вашата контрола. Токму затоа е потребно да имате план за непредвидени ситуации и стратегија за излез во случај работите да не се движат така како што сте очекувале. Знаете ли што е полошо од тоа да сфатите дека сте недоволно платени? Да сфатите дека сте недоволно платени, да го побарате тоа што го заслужувате, да ви кажат не, а вие да останете на истата работа како ништо да не се случило. Овој страв од промена е токму тоа што ги спречува луѓето да се впуштат во нови предизвици и да изградат нова кариерна патека за себеси. Не дозволувајте тоа да ве спречи и вам.

Сакате да ја дознаете просечната плата за вашата професија според степенот на образование, работното искуство и регионот?

Споредете ја вашата плата сега!




Споредете ја својата плата

Добијте бесплатна персонализирана споредба за вашата плата.

Споредете ја вашата плата