logo

Секој 19-ти вработен во ЕУ работи од дома

cover image

Од дома, според истражувањето спроведено од Евростат, најмногу работат Холанѓаните, и тоа дури 14 проценти од вкупната работна сила во земјата или еден од седум вработени.

Во Словенија 6.9 проценти од вработените работат од дома, во Унгарија 2.3 проценти, а во Хрватска само 1.4 проценти.

Работата од дома е најмалку застапена во Романија каде само 0.4 проценти од вработените ја користат оваа можност и во Бугарија каде застапеноста е уште помала и изнесува 0.3 проценти.

Просекот во рамките на ЕУ е 5.2 проценти, што значи дека секој 19-ти вработен во Унијата работи од дома, покажуваат податоците на Евростат.

Работата од дома најзастапена во земјите со развиен ИТ сектор

Работата од дома е значително позастапена во поразвиените земји членки на ЕУ отколку во помалку развиените.

Поточно, меѓу новите транзициски земји во Унијата, само Естонија и Словенија имаат поголем процент на вработени кои работат од дома од просекот на ЕУ. Исто така, според истражувањето, работата од дома е генерално позастапена во земјите со разиен ИТ сектор, додека е помалку распространета во земјите кои зависат од туризмот, какви што се на пример Хрватска, Грција и Кипар, бидејќи во оваа гранка многу мал дел од услугите можат да се обезбедат од дома.

Жените повеќе преферираат работа од дома отколку мажите

Истражувањето на Евростат исто така покажува дека работата од дома е позастапена кај жените отколку кај мажите. Имено, во 2018 година од удобноста на својот дом работеле 5.5 проценти од жените, за разлика од мажите каде оваа застапеност била само 5 проценти.

Податоците на Евростат покажуваат и дека работата од дома е позастапена кај оние кои се занимаваат со сопствен бизнис отколку кај “класичните“ вработени. Така на пример, дури 18.5 проценти од самовработените во ЕУ во 2018 година работеле од дома, додека за вработените во компаниите, овој процент бил значително помал – само 3 проценти.

Повозрасните вработени сакаат да работат од дома

Во однос на возраста, работата од дома е значително позастапена кај повозрасните вработени отколку кај помладите.

Бројките покажуваат дека во ЕУ, 6.4 проценти од вработените на возраст од 50 до 64 години работат од дома. Во исто време, само 5 проценти од вработените на возраст помеѓу 25 и 49 години работеле од дома, додека процентот на лица под 25-годишна возраст кои работат од дома е само 1.8. 


Сакаш да ја дознаеш вистинската плата за твоето работно место во Македонија?

Споредете ја вашата плата сега!