logo

Како до покачување во 2020 година

cover image

Јануари е еден од најпрометните месеци за вработување во годината бидејќи многу луѓе ги преиспитуваат своите кариерни опции за време на празниците. Но, доколку спаѓате во групата на луѓе кои уживаат во својата моментална работа и не сакаат да ја напуштат, но сепак сметаат дека вредат многу повеќе, прочитајте како да го добиете покачувањето што го заслужувате.

Ако сте силно уверени дека работите повеќе од тоа што ве плаќаат и постојано давате добри резултати, тогаш во новата година дефинитивно треба да побарате покачување.

Се разбира, самиот процес на барање повисока плата за многумина знае да биде застрашувачки. Постојат многу причини за тоа, а како најчести се јавуваат: стравот да бидете одбиени, ризикот да изгледате алчни и неблагодарни и слично. Нормално, тие причини не треба да постојат доколку сте силно уверени во тоа дека заслужувате повеќе.

Доколку не сте сигурни како да пристапите кон ваквата ситуација, еве четири совети кои ќе ги зголемат вашите шанси да испреговарате подобар компензациски пакет:

Оценете се себеси

Вашата појдовна точка секој пат кога размислувате да побарате покачување треба да биде оценување на вашиот перформанс во однос на вашите главни задачи и одговорности.

Треба да бидете подготвени да споделите специфични примери за вашата работа и како тие позитивно придонеле за развојот на бизнисот. Покажете каде сте имале најголем успех и сте ја надминале вашата работна позиција во работата со цел да му ставите до знаење на вашиот шеф дека навистина заслужувате поголема плата.

Исто така, обидете се да користите онлајн алатки за споредба на плати (како што е www.mojaplata.mk) за да добиете моментална споредба на вашата плата со останатите вработени со слични вештини на вашата работна позиција.

Истакнете се

Секогаш постојат начини со кои може да ја зголемите вашата “вредност“ во која било организација. Искористете ја можноста да се пријавите на некоја обука или преземајте нови проекти кои ќе ви помогнат да го збогатите своето искуство.

Со тоа, ќе изгледате позитивно во очите на вашиот работодавач, а тоа ќе ви помогне да се истакнете во толпата.

Исто така, работодавците сè повеќе бараат нивниот персонал да има добри „меки вештини“ како што се комуникација, решавање на проблеми и преговори. Всушност, едно неодамнешно истражување спроведено во Велика Британија покажа дека дури 24% од спецификацијата на работното место се однесува на овие вештини, а само 17% од луѓето ги наведуваат во својата кратка биографија.

Токму затоа е погодно да ги потенцирате овие вештини следниот пат кога ќе барате да ви се зголеми платата.

Тајмингот е важен

Многу организации спроведуваат преглед на перформанси пред да им ја покачат платата на своите вработени. Но, иако ова може да изгледа како совршена можност да побарате покачување, не ограничувајте се само на таа временска рамка.

Доколку сте убедени дека работите многу повеќе од тоа што ви го налага вашата позиција, почнете проактивно да размислувате за да побарате покачување и пристапете му на вашиот менаџер.

Бидете подготвени за “не“

За крај, секогаш треба да бидете подготвени за “не“. Постојат многу причини зошто компанијата не е во можност да ви даде покачување, а понекогаш тие немаат никавка врска со вас. Така на пример, може да се случи компанијата да нема средства или пак вашето покачување да биде неправедно во однос на другите вработени.

Ако дојде до тоа, обидете се да избегнете чувство на обесхрабреност. Наместо тоа, искористете ја можноста да соберете вредни повратни информации за вашиот перформанс од вашиот надреден и не плашете се да прашате кога зголемувањето на платата може да биде изводливо.

Додека е свежо прашањето за плата, можеби треба да се обидете да побарате и други бенефиции кои вашата компанија може да ги понуди надвор од паричните награди. Тоа може да биде дополнително здравствено осигурување, флексибилно работно време и слично. Запомнете дека пристапувањето на вашиот шеф со отворен ум покажува дека сте решени да останете во компанијата и да најдете некоја средина каде што и двете страни ќе бидат задоволни.

Се надеваме дека овие совети ќе ви помогнат да соберете храброст и да го побарате покачувањето што го заслужувате во новата 2020 година!

Споредете ја вашата плата сега!