logo

Топ 10 компании со највисоки плати во 2019

cover image

Прворангираната компанија исплатила просечна годишна плата од 170.929 долари, а еве уште 9 други компании кои плаќаат навистина добро.

Работодавците денес, освен возбудливи можности и бенефиции, нудат и конкурентни плати со цел да ги привлечат и задржат најдобрите вработени.

Користејќи ги податоците од својата платформа, Glassdoor направи ранг листа од 25 компании кои исплатиле најголеми плати во 2019 година. Така, согледувајќи ги податоците за плати внесени од страна на вработените во периодот помеѓу 1 јули 2018 и 30 јуни 2019 година, Glassdoor откри дека технолошките, консултантските и финансиските компании се тие што им нудат најдобри плати на своите вработени.

Секоја од компаниите рангирани во топ 10 исплатила просечна плата од 148.000 американски долари или повеќе. Така на пример, компанијата за сајбербезбедност, Palo Alto Networks, која всушност се наоѓа на првото место, исплатила просечна годишна плата од 170.929 долари. Тој износ, според Glassdoor, е речиси два и пол пати повисок од просечната плата од 73.128 долари што ја добиваат повеќето вработени во областа на Заливот на Сан Франциско - место каде се наоѓаат повеќето од овие компании.

Во продолжение, погледнете кои компании нудат најдобра заработка според податоците на Glassdoor:

10. Microsoft

Највисоката плата во Microsoft се движи од 523 до 565 илјади долари годишно. Средната годишна плата во компанијата е 148.068 долари. Инаку, станува збор за една од најголемите мултинационални компании за креирање на софтвер за сите видови компјутери. Во 2009 година, Microsoft ја доби титулата за најдобро место за работа во светот.

9. Salesforce

Максимална плата во Salesforce е 473.516 долари годишно. Средната годишна плата е 150.379 долари. Во моментов, оваа ИТ компанија има 10.000 вработени.

8. Facebook

Во Facebook најплатените вработени заработуваат помеѓу 324 и 347 илјади долари годишно. Просечната плата во компанијата е 152.962 долари. Facebook е најголема социјална мрежа во светот и еден од петте најпосетени сајтови на глобално ниво.

7. LinkedIn

LinkedIn е најпознатата професионална социјална мрежа за воспоставување на бизнис контакти. Сајтот е достапен на 24 јазици и има повеќе од 500 милиони регистрирани корисници. Највисоката плата во LinkedIn се протега од 322 до 350 илјади долари, а просекот изнесува 157.402 долари. 

6. VMware

Како една од најуспешните американски компании која доминира на пазарот за виртуелизација на софтвер, VMware знае дека треба да понуди атрактивни плати за да ги задржи и привлече најдобрите кадри. Највисоката плата во компанијата се движи од 406 до 441 илјади долари, а средната годишна плата изнесува 158.063 долари.

5. Google

Google е американска мултинационална корпорација која во 2015 година се реорганизираше во меѓународниот холдинг Alphabet Inc. Највисоката плата во компанијата која го промени интернетот се протега од 695 до 762 илјади долари годишно, а просечната плата е 161.254 долари. 

4. Gilead Sciences

Во Gilead Sciences највисоките плати се движат помеѓу 377 и 411 илјади долари годишно. Станува збор за американска био фармацевтска компанија која произведува лекови. Основана во 1987 година, компанијата е првично фокусирана на производство на антивирусни лекарства за ХИВ, Хепатит Б и Ц и распираторни заболувања, а подоцна и лекарства за рак. Средната плата во компанијата изнесува 162.210 долари.

3. Twitter

Иако највисоките плати во Twitter се наоѓаат на многу пониско ниво во однос на другите компании (помеѓу 255 и 274 илјади долари), нивната просечна плата е на завидно ниво и изнесува 162.852 долари годишно. Помалата разлика помеѓу просечната и највисоката плата покажува дека во компанијата постои пофер систем за компензирање на вработените. 

2. Nvidia

Највисоката плата во Nvidia се движи од 436 до 472 илјади долари годишно. Средната плата е 170.068 долари. Nvidia е технолошка компанија од САД за графички процесори и професионална визуелизација во индустријата со видео игри. 

1. Palo Alto Networks

Со средна плата од 170.929 долари годишно, американската ИТ компанија Palo Alto Networks е рангирана на првото место на ранг листата на Glassdoor. Најплатените вработени во компанијата заработуваат помеѓу 247 и 271 илјади долари годишно, а компанијата е основана во 2005 година од израелскиот бизнисмен Нир Зук. 


Сакаш да ја дознаеш вистинската плата за твоето работно место во Македонија?

Споредете ја вашата плата сега!