logo

Зошто компаниите ја кријат платата во оглас?

cover image

Сите ние сме го имале истото искуство: наоѓате одличен оглас за работа која совршено се совпаѓа со вашата страст, вештини и експертиза и додека внимателно поминувате низ описот на работното место вашата возбуда расте се дури не дојдете на дното и го прочитате ова: “платата зависи од работното искуство“.

Една од најголемите фрустрации кај лицата кои бараат работа се огласите за работа во кои не е наведена платата. Постојат многу аргументи зошто оваа зачестена пракса е во исто време и лоша пракса: го троши времето на работодавците и работобарателите, ги обесхрабрува луѓето да аплицираат и го минимизира најважниот финансиски аспект на работата.

Зошто работодавците ја кријат платата во своите огласи?

Па зошто толку многу работодавци ја исклучуваат платата од своите огласи за работа? Еве неколку причини за тоа:

Бараат луѓе кои се мотивирани од самата работа, а не поради парите

Компаниите сакаат работници кои се возбудени поради работата, а не само поради платата. Сокривајќи ја платата, работодавците го испитуваат интересот на кандидатите за отворената позиција. Нивното размислување, правилно или погрешно, е дека луѓето кои аплицираат без да ја знаат платата мора да се навистина страсни за работата. Во најмала рака, тие избегнуваат кандидати кои би работеле било што за добра плата.

Спречуваат револт од своите вработени

Во рамките на голем број организации, постои голема нееднаквост во платите, дури и помеѓу вработените кои се на иста позиција. Кога ангажира нов вработен, компанијата може да одлучи да ја сокрие платата доколку таа значително се разликува од износот што сегашните вработени го заработуваат на позицијата.

Вработените ја очекуваат највисоката плата во дадениот опсег

Некои компании се загрижени дека ако стават опсег на плата, кандидатите автоматски ќе очекуваат да го добијат горниот крај од оспегот – дури и ако горните граници се само за најквалификуваните кандидати. Од друга страна, доколку на кандидатот му биде понудена почетна плата која се наоѓа поблиску до дното на опсегот, тој или таа може да се чувствуваат незадоволни уште пред да ја започнат работата.

Без наведена плата до поголем диверзитет во апликациите

Во одредени случаи, компаниите не ја наведуваат платата бидејќи би биле подготвени да платат уште повеќе за еден навистина исклучителен кандидат. Некои експерти сметаат дека опсегот на плата е наменет за просечните апликанти, па токму затоа работодавците не сакаат да објават опсег кој би можел да ги одврати најдобрите кандидати.

Што треба да направат апликантите кога огласот нема плата?

Како што видовме, постојат бројни причини – некои добри, други и не толку добри – зошто работодавците не сакаат да ја откријат платата во нивните огласи за работа. Со оглед на овие различни мотиви, малку е веројатно дека оваа пракса ќе исчезне во скоро време. Токму затоа е потребно работобарателите да се адаптираат околу оваа реалност.

Размислиете за вашиот вистински интерес за работата

Секако, платата е главната причина зошто сите ние одиме на работа, но таа не треба да биде единствен, па дури и примарен мотив за вашиот интерес за позицијата. Отсуството на наведената плата, всушност, може да ви помогне да одлучите дали сте навистина страсни за самата работа. Следниот пат кога ќе видите оглас за аплицирање, запрашајте се дали сте заинтересирани за работата, независно од нејзините финансиски бенефиции. Од вашиот одговор зависи дали навистина треба да се пријавите за оваа работа или не.

Истражете како се движат платите за позицијата

И додека никогаш не можете да бидете сигурни колкава плата ќе ви понудат за отворената позиција, генерална претстава за платите може да добиете со помош на некои брзи онлајн истражувања за плати. На GlassDoor.com можете да проверите дали некој актуелен или поранешен вработен оставил коментар за неговото искуство во компанијата. MojaPlata.mk е уште една корисна алатка за да дознаете колку заработуваат другите вработени на вашата позиција во вашиот регион.

Бидете јасни за вашите потреби и очекувања

Откако ќе ја дознаете просечната плата за вашата позиција, ќе треба да донесете лична одлука за тоа дали тој износ ги задоволува вашите финансиски потреби. Исто така, веројатно ќе сакате да се вратите назад и да го преформулирате прашањето за вашиот “вистински интерес“ и да се запрашате дали сте се’ уште страсни за оваа работа ако од неа може да заработите X денари. Во тој момент ќе донесете тактичка одлука дали има смисла да аплицирате за работата. Ако се одлучите да аплицирате, веројатно ќе сакате да ги ставите вашите очекувања за плата на крајот од вашето пропратно писмо. Но, бидете претпазливи бидејќи ова може да ве отстрани од разгледување доколку вашите очекувања се повисоки од сумата која работодавачот е подготвен да ја издвои за тоа работно место.

Подгответе се да преговарате за плата

Работодавачот има јасен опсег за плата уште кога го објавува огласот за вработување. Во одреден момент на процесот на интервју, треба да се распрашате за компензацискиот пакет. Ако понудениот опсег е под вашите очекувања, користете го ова како можност за преговарање. Продадете се себеси и вашите уникатни вештини и покажете му на работодавачот дека сте извонреден кандидат на кој треба да потроши повеќе за да го вработи.

Тргнете подготвени во преговорите за плата

Споредете ја вашата плата сега!




Споредете ја својата плата

Добијте бесплатна персонализирана споредба за вашата плата.

Споредете ја вашата плата